Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО


Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО е специјализира агенција којашто ги предводи меѓународни заложби за справување со гладот. Целта е да се постигне безбедна храна за сите и луѓето да имаат редовен пристап до доволно висококвалитетна храна за активен и здрав живот. Со над 194 земји-членки, ФАО работи во над 130 земји ширум светот во поддршка на одржливо земјоделство и рурален развој, унапредување на одржливо управување со природните ресурси, вклучително и земјата, шумарството, риболовот и водата, и помага во преминот кон климатски отпорно и одржливо земјоделство и системи за храна.

Агендата 2030 нуди визија каде храната и земјоделството се клучни за одржлив развој. ФАО располага со искуство и експертиза за поддршка во креирањето политики, градењето партнерства, и проекти и програми кои се засноваат на 3-димензионална одржливост. Целите за одржлив развој и стратешката рамка на ФАО се насочени кон справување со основните причини за сиромаштијата и гладта, создавање на поправично општество, и никој да не заостане. Присуството на ФАО ширум Европа и Централна Азија го предводи регионалната канцеларија со седиште во Будимпешта, Унгарија.

Партнерството меѓу ФАО и Северна Македонија стабилно се развива откако земјата стана членка на организацијата во 1993 год. Главни приоритетни области во тековната Програмска рамка на ФАО за земјата за периодот од 2018–2020 се: зголемена компетентност на земјоделскиот сектор, подобрена егзистенција во руралните средини преку одржлив рурален развој, и одржливо управување со природните ресурси. Во главните области на работа спаѓаат сопственост и управување со земјиштето, развој на вредносен синџир, шумарство, биосигурност и животинско здравје, загуба на храна и намалување на отпад, адаптација и ублажување на климатските промени. Континуирано се става акцент на политиките и институционалната поддршка, односно, усогласување на земјоделството и руралните сектори во земјата со стандардите на Европската унија и Целите за одржлив развој.

Нашите активности се нашата иднина: Светот може да постигне #НултаГлад до 2030 год., ако партнерите од разни нации, континенти, сектори и професии ги здружат силите и постапуваат врз основа на доказите. Нулта глад значи дека работиме заедно за да обезбедиме дека секој, насекаде, има пристап до безбедна и хранлива храна која е потребна за активен и здрав живот. За да го постигнеме тоа, мораме да усвоиме поодржлив животен стил, да работиме во партнерство со другите, да ги споделуваме знаењата, и да бидеме подготвени да помогнеме да го смениме светот – за да создадеме иднина каква што сакаме.


ФАО Регионална канцеларија за Европа и Централна Аазија - 20 Kalman Imre utca H-1054 Budapest Hungary; ФАО Проектна канцеларија во Северна Македонија – Аминта Трети 5, 1000 Скопје, Северна Македонија

http://www.fao.org

FAO-RO-Europe@fao.org ; FAO-MK@fao.org

+36 1 461 2000; +389 2 3220 888