Фонд за деца при ОН – УНИЦЕФ


УНИЦЕФ работи во повеќе од 190 земји и територии, на унапредување на правата и благосостојбата на сите деца, од раѓање до адолесценција. Ние имаме јасна цел да  помогнеме да се надминат пречките коишто сиромаштијата, насилството, несреќите, болестите и дискриминацијата ги поставуваат на патот на детето кон исполнување на неговиот потенцијал.

УНИЦЕФ работи со партнерите за да обезбеди поголем пристап до квалитетни, интегрирани и сеопфатни услуги и програми за сите деца, особено за најранливите. Ние поддржуваме мерки со кои на децата им се дава најдобар почеток во животот, бидејќи соодветната грижа на најмала возраст обезбедува најцврст темел за идниот живот. Работиме на тоа сите мајки и новороденчиња да имаат пристап до квалитетна здравствена заштита, децата да се вакцинираат од болести што може да се спречат и да имаат добра исхрана. Ние поддржуваме политики и програми за сите деца да растат и да учат во безбедна и грижлива средина, заштитени од насилство и од други несреќи во детството. Поддржуваме пристап до квалитетно и инклузивно образование затоа што им користи на сите деца, девојчиња и машки, да станат подобри мислители, подобри граѓани и подобри родители на своите деца. Ги поттикнуваме адолесцентите и младите да развиваат преносливи вештини и начин на размислување што им се потребни за да напредуваат во светот на утрешнината. Во секој сектор, работиме со партнерите на заедничко креирање иновативни решенија за забрзан напредок на децата и младите.

Светот постојано се менува, но потребите на децата остануваат исти. Каде и да се. Кои и да се. Кога и да им треба поддршка. УНИЦЕФ и натаму ќе остане посветен на секое дете. Дознајте повеќе за УНИЦЕФ во Северна Македонија.