Канцеларија за дрога и криминал – УНОДЦ


УНОДЦ е глобален лидер во борбата против недозволена трговија со дрога, меѓународен криминал и тероризам, и работи во сите региони на светот преку широка мрежа на канцеларии. Од усвојувањето на Агендата за одржлив развој 2030, УНОДЦ се обидува да ги вгради Целите за одржлив развој во своите програми, вклучувајќи и во Регионалната програма за Југоисточна Европа, која е клучна рамка за вклучување на УНОДЦ во Западен Балкан, а и го придружува регионот на патот кон членството во ЕУ, во согласност со мандатите и договорите на ОН.

Трите столба на работа на УНОДЦ, опфатени и преку Регионалната програма, се:

  • - Проекти за техничка соработка на терен заради подобрување на капацитетот на земјите-членки во борбата против недозволена трговија со дрога, криминал и тероризам;
  • - Истражувачко-аналитичка работа заради поголемо разбирање и сознанија за прашањата на дрога и криминал, и заради проширување на базата на докази за политиките и оперативните одлуки;
  • - Нормативна работа за помош на државите при ратификација и спроведување на релевантните меѓународни договори, изработка на домашно законодавство за дрога, криминал и тероризам, како и обезбедување секретаријатски и суштествени услуги на управните органи и тела врз основа на договори.