СВЕТОТ СЕГА


  • Гладот е во пораст на глобално ниво. Во моментот има над 820 милиони луѓе кои се неисхранети – ова значи дека едно од девет лица оди на спиење гладно.
  • Гладот е најмногу зголемен во земји со среден приход и во земји кои се потпираат на меѓународна трговија на примарни производи.
  • Африка е регион со најголема распространетост на глад - приближно едно од пет лица е неисхрането.
  • Дури и во земјите со високи приходи, на значителен дел од населението им недостасува редовен пристап до доволни количества и до здрава храна; се проценува дека за околу 8% од населението во Северна Америка и Европа изворот на храна е несигурен.
  • Околу 45% од смртните случаи кај новороденчињата се поврзани со неисхранетост. 155 милиони деца под 5-годишна возраст заостануваат во телесниот развој. Трендовите на прекумерна тежина и дебелина, пак, продолжуваат да растат во сите региони, особено кај децата на училишна возраст и кај возрасните.
  • Приходот на малите производители на храна (од кои е сочинето мнозинството на сите земјоделци во повеќе развиени држави) е половина од приходот на големите производители на храна.
  • За време на 2016 и 2017 година високата нестабилност на цените на храната ги погоди сите региони, што пак може да има негативно влијание врз безбедноста на храната.
  • Повеќе од половина од локалните видови на добиток се изложени на ризик од истребување.
  • Една третина од храната произведена ширум светот се фрла или се троши залудно.

СВЕТОТ ВО 2030


  • ЦЕЛ: ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА ГЛАДУВАЊЕТО, ДА СЕ ПОСТИГНЕ ОБЕЗБЕДЕНОСТ СО ХРАНА И ДА СЕ ПОДОБРИ ИСХРАНАТА, КАКО И ДА СЕ ПРОМОВИРА ОДРЖЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО<>
  • Ставен е крај на гладувањето и обезбеден е пристап на сите луѓе до доволни количини безбедна и здрава храна, особено за сиромашните и ранливи категории на лица, вклучително и за бебињата, во текот на целата година.
  • Ставен е крај на сите форми на неисхранетост, а до 2025 година постигнати се и меѓународно договорените цели за спречување на заостанувањето во телесниот развој кај деца до 5-годишна возраст. Решени се потребите за исхрана на девојките адолесценти, бремените жени, доилките и постарите лица.
  • Двојно е зголемено земјоделското производство и приходите на малите производители на храна, особено на жените, домородните народи, земјоделските семејства, сточарите и рибарите, преку безбеден и еднаков пристап до земјиште, други продуктивни ресурси и суровини, знаење, финансиски услуги, пазари и можности за зголемување на вредноста и други неземјоделски облици на вработување.
  • Се обезбедуваат одржливи системи за производство на храна, и се спроведуваат отпорни земјоделски практики кои ги зголемуваат продуктивноста и производството, помагаат да се одржат екосистемите, да се зајакне капацитетот за адаптација кон климатските промени, екстремните временски услови, сушите, поплавите и другите природни катастрофи, како и да се осигури постепено облагородување на земјиштето и на квалитетот на почвите.
  • До 2020 година постигнато е одржување на генетската разновидност на семињата, на култивираните растенија, како и на одгледуваните домашни животни и нивните сродни диви видови преку соодветно управување со банките за чување разновидни семиња и растенија на национално, регионално и меѓународно ниво. Се промовира пристап до фер и рамноправна распределба на придобивките што произлегуваат од користењето на генетските ресурси и придружните традиционални знаења што се меѓународно договорени.

КАКО?


  • Да се зголемат инвестициите, меѓу другото и преку засилена меѓународна соработка, во руралната инфраструктура и во земјоделските истражувања и услугите за помош на земјоделците, технолошкиот развој и подобрување на банките за растителен и за добиточен генетски материјал, со цел да се зголеми капацитетот за земјоделско производство во земјите во развој, а особено во најмалку развиените земји.
  • Да се поправат и да се спречат какви било трговски рестрикции и искривувања на светскиот земјоделски пазар, меѓу другото и преку паралелно елиминирање на сите форми на извозни земјоделски субвенции и други извозни мерки со ист ефект, во согласност со мандатот на Развојната агенда од Доха.
  • Да се усвојат мерки за обезбедување правилно функционирање на пазарот на храна и нејзините деривати, како и да се олесни навремениот пристап до информации за пазарот, вклучително и за резервите на храна, со цел да се спречи екстремната нестабилност на цените за храна.

ТОА НЕ Е СЕ - ПРОВЕРЕТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ НАШИ ЦЕЛИ