Започнува вториот заеднички проект на ФАО и Зелениот климатски фонд за поддршка на подготвителни активности

8 јули 2020 година, Скопје - Зелениот климатски фонд (ЗКФ), главниот глобален фонд за финансирање на активности за борба против климатските промени, го одобри својот втор проект за Северна Македонија во рамките на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка за да и помогне на земјата да стане поподготвена за влијанијата на климатските промени. Ова е продолжение на сличен напор, успешно завршен во 2019 година.

Проектот, кој ќе трае 18 месеци, започна денес со виртуелна работилница на која учествуваа околу 130 претставници на клучни владини институции, министерства, приватниот сектор, граѓанското општество, академијата и развојните партнери.

Целта е да се поддржи Кабинетот на Заменик претседателката на Владата задолжена за економски прашања, како Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд и други релевантни чинители, да се прошири нивното знаење и да се зајакне сопственоста за подобар пристап до ресурсите на Зелениот климатски фонд, како и да се помогне во идентификување на натамошни можности за климатско финансирање во деветте приоритетни сектори во земјата (енергетика, транспорт, земјоделство, биодиверзитет, здравство, водни ресурси, шумарство, отпад и културно наследство).

ФАО ќе и помогне на Владата да развие Работна програма на земјата за Зелениот климатски фонд, која ќе ги адресира клучните приоритети поврзани со климатските промени во овие сектори и ќе опфати потенцијални инвестиции што може да се преточат во издржани проекти што може да се финансираат од Фондот, кои доаѓаат од национални институции, општини, јавни и приватни компании, граѓанските организации и други правни лица.

Во своето обраќање, г-а Мила Царовска, Заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања истакна дека "крајната цел на овие напори е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени и зголемување на инвестициите за справување со климатските промени. Со тоа, значително ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот на секој наш граѓанин, ќе постигнеме поголема конкурентност на нашата економија, како и одржливо инклузивно општество за сите генерации, што е врвна цел на Парискиот договор” додаде таа.

„Северна Македонија мора целосно да ги искористи сите можности за обезбедување на нискојаглероден и одржлив економски раст и да ја заштити и зачува својата убава животна средина за сегашните и идните генерации“, рече г-а Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија во обраќањето до учесниците. „Затоа овој инструмент има огромна вредност за трансформациските промени што сакаме да ги видиме и поддржуваме“, истакна таа.

Г. Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, и честиташе на Владата за постигнатиот напредок во 2019 година и неодамнешното одобрување на вториот грант за подготвеност на Зелениот климатски фонд, како чекор напред кон стратешкиот ангажман со Фондот.

„Како акредитиран субјект на Зелениот климатски фонд со широко знаење и искуство низ целиот свет, ФАО со задоволство ќе продолжи да ги поддржува напорите на Северна Македонија за пристап до ресурсите на Фондот за да се подигне амбицијата на сите актери во општеството за климатска акција преку инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој“, потенцираше г. Ганги.

Со помош на овој проект, Северна Македонија ќе финализира систем за следење и мониторинг на климатското финансирање во земјата обезбедено од јавни, приватни или меѓународни извори. Системот ќе ја информира Владата за можностите за ко-финансирање за потенцијалните предлог-проекти за Зелениот климатски фонд, и конечно ќе ги забрза напорите на Северна Македонија за реализација на целите поврзани со климатските промени.

Овој проект за подготвеност ќе стави посебен акцент на ослободување на потенцијалот на приватниот сектор за инвестирање поврзано со климатските промени. ФАО ќе работи со Владата да се мапираат актерите во приватниот сектор, вклучително малите и средни претпријатија, и ќе им помогне целосно да ги искористат можностите за трансформациски инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој, што исто така можат да придонесат во нивната ефикасност и профитабилност.

Отпочнувањето на проектот беше организирано под Регионалната иницијатива на ФАО за одржливо управување со природните ресурси, во координација со Кабинетот на Заменик претседателката на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања.

ЛИНКОВИ

Зелен климатски фонд Северна Македонија ја поставува основата за климатска акција. Отворен првиот повик за проектни идеи за ЗКФ

Веб страна – Северна Македонија и Зелениот климатски фонд Стартува првиот подготвителен проект од Зелениот климатски фонд  

КОНТАКТ ЗА МЕДИУМИТЕ:

Радмила Славкова

Специјалист за комуникации на ФАО

Email: radmila.slavkova@fao.org

Мобилен: 071 21 23 08