ШТО СЕ ТИЕ


Целите за одржлив развој, познати и како Глобални цели, се архитектурата на глобалниот план за подобра иднина. Тој план е наречен Агенда за одржлив развој 2030.

Агендата за одржлив развој 2030, усвоена од сите земји-членки на ОН, претставува визија за подобар свет и јасна насока на човештвото кон унапредување на квалитетот на животот во периодот 2015-2030 г. Со неа, развојот на земјите се насочува кон искоренување на сиромаштијата и гладот, намалување на нееднаквоста, подобрување на образованието и родовата еднаквост, решавање на климатските промени, примена на одговорна потрошувачка, зачувување на биолошката разновидност и економско јакнење, а и кон зајакнување на институциите што се суштински за заштитата на човековите права, мирот и правдата.

Со еден збор - Целите за одржлив развој (ЦОР) се глобалните насоки кон подобра, одржлива иднина.

Агендата 2030, пред сè, е сеопфатен план. Целите за одржлив развој особено се фокусирани на јакнење на маргинализираните групи како што се жените, децата, старите лица, сиромашните, лицата со попреченост, бегалците, и др. Токму затоа, еден од клучните принципи на ЦОР е: Никој да не биде изоставен!

Сите 17 ЦОР се меѓусебно поврзани. Невозможно е одвоено да се третираат. За да бидат постигнати, од суштинска важност е да им се даде заеднички осврт како на поширока развојна рамка со која ќе се овозможи подобар квалитет на животот во следните 15 години. Затоа, зајакнувањето на глобалното партнерство е пресудно за постигнување на 17-те ЦОР. Од највисоко значење е да се воспостави соработка меѓу владите, граѓанското општество, меѓународните организации, приватниот сектор и поединците.

Земјите-членки веќе се обврзаа да ги вградат ЦОР во своите развојни политики. Меѓутоа, одржливиот развој е можен само ако сите работиме заедно кон постигнување на овие цели. Но, како да го направиме тоа? Па, доста е едноставно. Почнувајќи од себеси. Од нашата заедница. Остварувањето на Агендата 2030 ќе се спроведе дури и преку најситните активности како на пр., рационална потрошувачка на вода, почитување на различностите во локалните заедници, садење ново дрво, еднаков третман на мажите и жените, девојчињата и машките, одговорно постапување со ресурсите и животната средина и сл. Секоја од овие активности ќе придонесе кон остварување на визијата за подобар свет предвидена со Агендата за одржлив развој до 2030 година.

ЦЕЛОСЕН ОПИС