Од Кји Донгју и Ингер Андерсен Генералниот директор на ФАО и Извршниот директор на УНЕП

Пандемијата КОВИД-19 е длабок и траен шок на глобално ниво; сите знаеме дека враќање на „функционирањето како и обично“ не е опција. Императив е кризата да ја сфатиме како можност да се обнови - па дури и да се подобри - егзистенцијата на одржлив начин. Високо на агендата е враќање на хармонијата на односот на човештвото со природата, особено со биолошката разновидност. Изданието на извештајот „Состојба на шумите во светот“ за 2020 година изработен во партнерство на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), кој се објави денеска, помага да се мапира стратегија за тоа. Извештајот го испитува придонесот на шумите, и на луѓето кои ги користат и управуваат со нив, за зачувувањето и одржливо користење на биолошката разновидност. Шумите се дом на поголемиот дел од копнената биолошка разновидност во светот - тие ни овозможуваат широк спектар на услуги, почнувајќи од почист воздух и вода до природна храна што ја консумираат една милијарда луѓе. Шумите исто така имаат директно влијание врз опстанокот на човекот, обезбедувајќи повеќе од 86 милиони зелени работни места и поддршка на егзистенцијата на многу други.

Ние мора да сториме повеќе и подобро за да обезбедиме заштита на овој подарок што постојано дава. Добивањето одржливи придобивки од шумите значи посветување поголемо внимание на нивните потреби, што всушност се и наши потреби. Деградацијата и губењето на шумите и биолошката разновидност е придонес за факторот за нарушување на рамнотежата на природата и воопшто ги зголемува ризиците од епидемиски заболувања кај луѓето. Додека дефорестацијата на глобалното ниво се забави во последната деценија, околу 10 милиони хектари шума сè уште се губат секоја година, а заедно со нив и виталните видови.

Евиденцијата е јасна дека главниот двигател на намалување на шумите е експанзијата на земјоделството. Нерационално користење на земјиштето и насади за производство на месо, масло и житни култури, проследено со земјоделски активности кои обезбедуваат основна егзистенција, учествуваат со 75% во тропската дефорестација. За да го смениме трендот, треба да иновираме и да имплементираме одржливи земјоделски практики засновани на решенија свртени кон природата и заштита на биодиверзитетот. Основната функција и отпорноста на земјоделството зависат од биолошката разновидност за поддршка на услугите за опрашување, водоснабдувањето, почвата и контролата на ерозијата. Заштитата на биолошката разновидност не е важна само за животната средина, туку е и предуслов за поразновидна, здрава, избалансирана и нутритивна исхрана. Исто така, преку интегрирани пристапи шумите можат да се конзервираат и управуваат на начини на кои се создаваат работни места, се зачувуваат екосистемите и се подобруваат живеалиштата за луѓето и природата.

Размислете, на пример, резерватот “Maya Biosphere Reserve”, најголемата заштитена област на тропска шума во Централна Америка. Создаден во 1990 година, значителен дел од областа беше доделен под повеќе концесии за користење на заедниците кои се состојат од мали сопственици, кои исто така добија техничка помош, пристап до пазарот, институционална поддршка и регулаторна рамка. Ова ги охрабри да спроведат одредена екстракција на дрва, со придржување кон пропишаните стандарди за управување. Излезе дека овие групи имаат исечено помалку од просекот за целиот резерват, имаат помалку инциденти на шумски пожари, зголемена шумска покривка и ја одржале локалната полулација на јагуари. Покрај охрабрувачкиот однос на заедницата, јагуарите не се само детал. Тие покажуваат уште еден важен аспект на зачувување и реставрација: Шумите не се само дом на биолошката разновидност, туку активно зависат од нивните жители. Овој холистички пристап е од суштинско значење за премин од знаење во акција, затоа што се подготвуваме за Декадата на Обединетите Нации за Реставрација на Екосистемите 2021-2030, којашто заеднички ќе ја водат ФАО и УНЕП.

Еден впечатлив наод во овогодинешниот извештај на „Состојба на шумите во светот“ е дека 7 проценти од глобалното шумско подрачје е поделено меѓу повеќе од 34 милиони мали површини, секоја помала од 1000 хектари или 10 квадратни километри. Ваквата фрагментација штети на површините потребни за биолошката разновидност. Потребна е поголема реставрација, направена на начин што ја поддржува егзистенцијата на руралните заедници и ги ублажува климатските промени. КОВИД-19 е глобално предупредување кое се надеваме - и покрај штетите што ги предизвикува - може да дејствува како катализатор за да превземаме покреативни и инклузивни начини кон посреќна иднина каде што ќе засадиме нови дрвја додека ги зачувуваме оние што ги имаме. Шумите и нивната богата биолошка разновидност ги одржуваат нашите заедници и економии, а ние мора да работиме со природата за да се осигуриме дека тие напредуваат.